Регион 20. март 2020. / 09:44

Црна Гора го одложува плаќањето на кредитите за граѓаните и деловните субјекти без камата

Црна Гора го одложува плаќањето на кредитите за граѓаните и деловните субјекти без камата

Црногорскиот премиер Душко Марковиќ соопшти дека владата во Подгорица донела нови мерки, меѓу кои е и одлуката за одложено отплаќање на кредитите за граѓаните и деловните субјекти, без затезна камата.

Се одложува и плаќањето на даноци и придонеси за плати, како и обврските согласно Законот за репрограмирање.

Црногорската Влада одвои и еден милион евра помош за најзагрозените.

Обезбедена е еднократна помош за пензионерите со најниска пензија и за корисниците на материјално обезбедување во висина од по 50 евра – изјави Марковиќ.

Црногорскиот премиер исто така информира дека членовите на Владата еднократно ќе уплатат и половина од својата плата на сметката на Националното координативно тело за заразни болести.

Тој нагласи дека сите исплати од буџетот ќе бидат редовни.

Марковиќ порача дека започнатите капитални проекти нема да бидат запрени.

Сега е момент кога сите, државата, економијата и граѓаните треба да го поделат товарот на опасноста, затоа што тоа е единствениот начин на кој можеме да опстанеме – изјави Марковиќ.

Во Црна Гора вчера беа потврдени два нови случаи на корона вирус со што има вкупно 10 заразени.