Договорот од Преспа беше тежок договор, бидејќи удри по ножот на национализмот и квази патриотизмот, рекол грчкиот премиер Алексис Ципрас, во говор посветен на иднината на Европа, на потребата да се формира прогресивен блок пред евроизборите во борбата со национализмот и радикалната десница.
Тој говореше на крајот од еднодневната конференција под наслов „Просперитет за сите во една одржлива Европа”, организирана од Групата на прогресивната алијанса на социјалистите и демократите од Европскиот парламент, фондацијата Фридрих Еберт во Грција и Институтот за истражување и политичка стратегија, јавува МИА од Атина.
-Пред еден месец во грчкиот Парламент изгласавме еден многу, многу тежок, но исто толку неопходен за земјата, но и за целиот Балкан, можеби симболично, и за Европа, важен договор. Договорот од Преспа. Тоа беше тежок договор, бидејќи беше удар во ножот на национализмот и квази патриотизмот. Некои рекоа дека немавме никаква причина да ја преземеме оваа одговорност и оваа цена, политичката цена. Во клучен момент го ризикувавме парламентарното мнозинство. Ризикувавме и тоа кусо пред почетокот на изборниот циклус, кусо пред евроизборите, без разлика на цената-изјави Ципрас.
Тој ги критикуваше политичките сили во Грција кои не го поддржаа договорот, велејќи дека „некои не се осмелија да ризикуваат многу помалку, иако се самонарекуваат прогресивни“.
-Зошто го сторивме ова. Зошто? Бидејќи бевме сигурни дека функционираме врз основа на нашите принципи и бевме сигурни дека ја извршувам патриотската должност затоа што се поставуваме на правилната страна на историјата- вели Ципрас