Грчкиот премиер Алексис Ципрас пристигнува денес во Анкара. За време на дводневната посета на Турција ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а главни теми на средбата ќе бидат емиграциите и територијалните спорови.
Ципрас ќе се сретне и со турскиот потпретседател Фуат Октај, соопшти портпаролот на Ердоган Ибрахим Калин.
Во интервјуто кое вчера го даде за турската државна агенција Анадолија, Ципрас кажа дека сака да го продолжи „тешкиот но искрен дијалог“ кој го почна со Ердоган во 2017 година, мислејќи на посетата на Ердоган на Атина во декември 2017 година, што беше прва посета на турски претседател во 65 години.
Турскиот претседател тогаш кажа дека договорот од Лозана од 1923, со кој беа дефинирани границите на Турција и нејзините соседи по Првата светска војна и истовремено се регулираа споровите поврзани со суверенитетот во Егејското Море, треба да се ажурираат.
Кипар, поделен на грчки и турски дел од 1974 година, е уште една спорна точка меѓу двете земји. Обидот од 2017 година за повторно обединување на деловите на островот заврши без договор.
Ердоган неколку пати побара екстрадиција на осумте војници кои избегаа во Грција со воен хеликоптер по неуспешниот државен удар во Турција во 2016 година.
Ципрас во интервјуто ја пофали Турција за прифаќањето на речиси четири милиони бегалци од Сирија и кажа дека целта на двете земји е да се изградат односи „од кои ќе профитираат нашите луѓе и регионот“. Утре ќе отпатува во Истанбул каде ќе се сретне со патријархот Вартоломеј Први, церемонијалниот лидер на Православната црква.