Eвропратеникот од редовите на унгарската партија Фидес, Балаж Хидвеги, од Стразбур порача дека Европската унија им должи на балканските земји шанса да се приклучат кон Унијата, додавајќи дека проширувањето на ЕУ со земјите од Балканот е клучна стратешка и политичка можност и одговорност на Унијата.
Коментирајќи го одбивањето на францускиот претседател Емануел Макрон да се отворат преговори за членство со Македонија и Албанија, Хидвеги истакна дека тоа прашање барало политичка расправа за која Унгарија била подготвена.
Европратеникот ја нагласи поддршката на неговата земја за проширување на ЕУ, тврдејќи дека тоа е во интерес на Унијата да стане посилна и постабилна.
Зборувајќи за претстојниот самит ЕУ-Западен Балкан во мај следната година во Загреб, Хидвеги изрази надеж дека земјите членки тогаш ќе одржат вистинска политичка расправа за иднината на Унијата, а проширувањето на ЕУ со балканските земји би можело да се врати на дневен ред.
Според него, ЕУ треба да ги има предвид и руските интереси и ширењето на руското влијание на Балканот, нагласувајќи дека регионот историски, географски и политички е дел од Европа.