Регион 10. март 2020. / 09:39

Бројот на заразени во Албанија се зголеми на шест

Бројот на заразени во Албанија се зголеми на шест

Во Албанија се зголемува бројот на заразени со новиот корона вирус.

Министерството за здравство доцна синоќа соопшти дека се регистрирани четири нови случаи, па со претходните два, бројката се зголеми на шест.

Според министерството, три од четирите нови случаи се лица од семејството на двајцата веќе заразени. Четвртиот нов случај е 31-годишен жител на Тирана кој бил на еднодневен престој во Милано од каде се вратил пред шест денови.

-Во понеделникот (9 март), тестирани се 14 сомнителни случаи на Ковид-19, од кои осум имале близок контакт со двата случаи потврдени со новиот коронавирус кај нас. Од тестирањата извршени во лабораторијата за вирологија при Институтот за јавно здравје, потврдено е дека четири лица е позитивни , од кои три биле членови на семејството на првите два случаи потврдени во неделата навечер. Останатите и понатаму остануваат во домашна изолација, стои во соопштението на Министерството.

Заразените се хоспиталзирани во Инфективната клиника и нивната здравствена сосотојба не покажува сериозни проблеми.

Во Албанија до сега се тестирани 77 лица.

Министерството за здравство ги повикува граѓаните внимателно да ги следат официјалните препораки и да се грижат за мерките за лична хигиена. За секој случај на знаци на респираторна инфекција, како што се треска, кашлица, отежнато дишење, особено за лицата кои патувале или имале контакт со засегнатите земји, Министерството апелира од граѓаните да се јават на посебниот телефонски број 127.

Албанската Влада, вчера по потврдата за двајца заразени од корона вирусот донесе одлука за прекин на наставата во сите училишта и градинки во следните две недели, односно до 23 март, а до 3 април прекинат е авио и поморскиот сообраќај,кон северниот дел на Италија. Забрана има и за одржување на јавни собири,спортски натпревари,концерти.

Премиерот Еди Рама се сретна и со старешините на верските заедници во земјата, од кои побарал да се избегнуваат големи верски собири.

Тој посочил дека мора да се избегнуваат некои навики, како што се прегрнување на верниците, ракување, бакнување рака на свештено лице и да се почитува препораката верниците да стојат подалеку едни од други за време на молитвата.

Околу Инфективната клиника во Тирана е поставена метална ограда и лента.