Регион 05. декември 2018. / 13:03

Брнабиќ: Се надевам дека нема да мораме да ја употребиме својата армија против Косово

Брнабиќ: Се надевам дека нема да мораме да ја употребиме својата армија против Косово

Српската премиерка Ана Брнабиќ, во врска со најавите за формирање косовска армија, денеска изјави дека се надева дека Србија нема да мора да ја употреби својата војска, но дека во моментов тоа е една од опциите што се на маса, затоа што, како што рече, не може да се гледа ново етничко чистење на Србите.

-Се надевам дека никогаш нема да мораме да ја употребиме својата армија, но во моментов тоа е една од опциите кои се на маса, зашто не можеме да гледаме ново етничко чистење и нови „Олуи“, иако [албанскиот премиер] Еди Рама повикува на нив, рече Брнабиќ денеска во владата.

Таа посочи дека владата инвестира во подигнување на одбранбените капацитети, кои биле девастирани.

-Кога некој знае дека имате силна армија, тогаш мора да седне да разговара со вас, рече таа.

Српскиот претседател Александар Вучиќ неодамна рече дека Албанците планираат да ја формираат косовската армија на 14 декември.