Најмалку дваесет лица се уапсени денес откако во прифатниот центар за сместување на емигранти во Велика Кладуша избиле судири во кои биле нападнати и полицајци, а во кои има и повредени, објавија денес властите на БиХ и босанската полиција.
Босанските медиуми пренесуваат дека во тепачката во прифатниот центар учествувале најмалку стотина емигранти, а објавена е и снимка од инцидентот.
Обезбедувачите на објектот не можеле да ги совладаат насилниците па ја повикале полицијата, но учесниците на тепачката ги нападнале и полицајците кои дошле да интервенираат, фрлајќи камења и шишиња врз нив и удирајќи ги со метални прачки.
Потоа на полицајците им било испратено засилување од Велика Кладуша и Бихаќ па по интервенцијата насилството било сопрено во раните утрински часови.
-Поголем број емигранти се повредени, а во нападот се повредени и тројца полициски службеници. Оштетено е и едно полициско возило, изјави портпаролот на полицијата.
По инцидентот Службата за работи со странци на БиХ донела одлука шест од дваесетмината уапсени насилници да бидат изолирани и депортирани од БиХ.