Шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, го поздрави формирањето на новата влада на Косово под водство на Албин Курти и повика на што побрзо враќање на преговарачка маса со Србија.
-Новата влада ја чека многу работа во имплементирањето на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и европската реформска агенда, владеењето на правото и социо-економскиот развој. Регионалната соработка мора да се зајакне како и добрососедските односи. Во овој контекст со нетрпение очекуваме брзо рестартирање на дијалогот Белград–Приштина, олеснет од ЕУ, за да се постигне целисходна нормализација на односите – порачал Борел по формирањето на новата косовска влада.
Притоа, Борел предупредил дека статус кво ситуацијата е неодржлива.
-Нема алтернатива за брзо рестартирање на преговорите за нормализација помеѓу Белград и Приштина – смета шефот на европската дипломатија кој минатата недела ги посети Косово и Србија во обид да изнајде компромис помеѓу двете страни.
Дијалогот помеѓу Белград и Приштина е замрзнат година и половина поради поскапувањето на царините за увозот на српски и босански производи на Косово.
Европската Унија бара од владата во Приштина да ги „обнови заложбите за регионалните иницијативи“.
-Предизвиците за Косово се големи, но голем е и потенцијалот на Косово. Подготвени сме да му помогнеме на Косово во европската реформска агенда и да продолжиме да ја закануваме нашата поддршка за владеење на правото за сите, подобрување на услугите на јавната администрација за населението кое тоа го заслужува и создавање работни места и раст – се наведува во соопштението на ЕУ.