Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија на српската влада Марко Ѓуриќ, во име на српските институции ги повика претставниците на Европската Унија да реагираат на, како што кажа, заканите што ги упати премиерот на Косово Рамуш Харадинај.
Харадинај најави дека од Нова година повеќе нема да има физички препреки на границата меѓу Косово и Албанија, објави приштинскиот весник Зери. Се наведува дека најавата на Харадинај е заснована врз разговори и планови со премиерот на Албанија Еди Рама.
Ѓуриќ кажа дека ова е 28-ми пат тие да бараат, како што кажа, „присоединување на јужната српска покраина“ и дека станува збор за директна закана од Харадинај.
Тоа е, како што истакна, патолошката потреба на дел од Европа и на дел од приштинските власти Србија да не добие ништо, туку крајниот резултат да биде онаков каков што „тие го смислиле“.
Тој ги праша шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини и нејзината портпаролка Маја Коцијанчич дали Европа би молчела доколку Белград порача дека ја укинува границата меѓу Србија и Бања Лука, пренесува Н1.
Ѓуриќ наведе дека границата различно се толкува во Србија и еден дел од светот, пред сѐ во Кина и Русија, а сосема поинаку во еден дел на Европа и Америка.
На прашањето каква е судбината на дијалогот во Брисел, Ѓуриќ кажа дека Вучиќ нема да патува на средба во Њујорк, бидејќи „оној момент кога почна борбата на Србија за компромисно решение, врз Вучиќ и државниот врв на Србија падна лавина од напади“.
Поради тоа сите ќе мора да причекаат за нова средба, кажа Ѓуриќ.