Регион 06. март 2020. / 12:07

Австриски медиуми: Првите мигранти веќе се во Македонија, за 10 дена ќе бидат во Австрија

Австриски медиуми: Првите мигранти веќе се во Македонија, за 10 дена ќе бидат во Австрија

Прва поголема група на мигранти од грчко-турската граница, наводно, веќе пристигнала во Македонија, тврди австрискиот дневен весник „Естерајх“, додавајќи дека оттаму на мигрантите ќе им бидат потребни 10 дена да пристигнат до австриската граница.

Медиумот се повикува на фотографија за која велат дека ја добиле од членови на новинска агенција кои вчера на градски плоштад во Македонија, без да наведат кој, фотографирале поголема група луѓе, наводно мигранти.

Понатаму, пишува дека со хаосот кој се случува на грчко-турската граница никој не би можел да знае колку од мигрантите во текот на ноќта успеале да преминат на грчка страна на помалку чуваните места. Факт, додава медиумот според очевидци е дека „во првите групи има само мажи и млади момчиња“.

– Доколку не може да бидат запрени од српската или хрватската полиција групата мигранти на австриската граница би можела да пристигне за десетина дена, пишува Естерајх.

Врвот на новиот бран на баратели на азил на австриската граница би можело да се појави „кон крајот на следната недела“, пишува медиумот и додава дека, цитирајќи извори од австриската полиција, напливот нема да биде огромен туку мигрантите ќе се појават само во помали групи.