Регион 10. јуни 2020. / 19:42

Австрија на 16 јуни ги отвора границите, не и за земјите од Балканот

Австрија на 16 јуни ги отвора границите, не и за земјите од Балканот

Австрија на 16 јуни ќе ги укине контролите на границата со Италија, како и задолжителниот карантин за државјаните на повеќе од 20 европски земји, објави министерот за надворешни работи Александер Шаленберг. Македонија останува меѓу земјите на чии државјани засега нема да им биде дозволен влез. 

– Ги отвораме границите за земјите од Европската Унија и Европската асоцијација за слободна трговија, со исклучок на Шведска, Шпанија, Португалија и Велика Британија, изјави Шаленберг.

Прашан за земјите од Западен Балкан, Шаленберг рече дека е свесен дека во Австрија живеат голем број граѓани со семејни врски во тој регион, но дека тие земји не се меѓу оние за кои отворањето на границата важи од 15 јуни.

– Во моментов во ЕУ има мерки за ограничување на патувањето во тие земји. Во тек се дискусии во ЕУ за постапувањето кон трети земји, а в петок Брисел ќе ги претстави основните параметри врз основа на кои ние ќе продолжиме да дејствуваме,  објасни тој.

Австрија, која граничи со осум земји, минатата недела ги укина контролите за сите соседи освен за Италија. За италијанскиот регион Ломбардија, кој беше најтешко погоден од коронавирусот, останува на сила делумното предупредување за патувања.