Регион 09. ноември 2018. / 13:00

Апатурај: Стабилноста на Западниот Балкан сеуште не е комплетна

Апатурај: Стабилноста на Западниот Балкан сеуште не е комплетна

Заменикот на помошник-генералниот секретар на НАТО за политички прашања и безбедносна политика, Џејмс Апатурај, изјавил дека стабилноста на Западен Балкан сè уште не е обезбедена, дека постојат предизвици, како и дека aлијансата во тој поглед сака да помогне.

Тој рекол дека регионот не е градина, туку една од собите на заедничкиот европски дом, чија цел е да придонесе за безбедност.

Западен Балкан од секогаш бил регион од стратешко значење, вели Апатурај, кој додава дека политичкото значење на регионот пораснало во последните години и дека НАТО сака да додаде дополнителна енергија и да поттикне земјите во регионот да ги остварат своите цели, кои и да се.

-Некои од земјите сакаат да влезат во НАТО и ние тоа го поддржуваме, но некои не сакаат. Србија е една од нив, тоа го почитуваме, но сакаме повеќе практична соработка и повеќе политички дијалог и разбирање и затоа вложуваме во тоа- рекол Апатурај.

Тој нагласи дека НАТО има и други неповрзани партнери, како што се Финска и Шведска, но и Ерменија.