Владата ќе се држи до она што го предвидува Договорот за името, но посакува за негово прифаќање да има најголемо можно парламентарно мнозинство, коментираат од кабинетот на грчкиот премиер Алексис Ципрас.
„Желба на Владата е Договорот за решение на проблемот што со години ѝ тежеше на нашата надворешна политика да има најголемо можно мнозинство во Парламентот. Штом другата страна ги исполни обврските што произлегуваат од Договорот, Владата ќе донесе одлуки што се однесуваат колективно на процесот на ратификација, секогаш почитувајќи ги меѓународните обврски и Уставот на земјата“, велат од Кабинетот на грчкиот премиер.
Оттаму, како што јавува МИА од Атина, потсетуваат дека грчката страна даде согласност за почеток на преговори за Македонија, кои ќе резултираат со протокол за интеграција, „само доколку успешно завршат уставните реформи и референдумот“, нешто што најрано ќе заврши на крајот од годината.
„Потоа, грчката Влада ќе ги донесе за ратификација во грчкиот Парламент како Договорот, што стапува во сила само по ратификација и од двете страни, така и протоколот за интеграција на соседот во НАТО, што ќе произлезе само доколку соседот ги исполни горенаведените услови. Грчката Влада е коалициска влада од две партии и функционира колективно, секогаш во рамките што ги одредуваат Уставот и законите“, велат од кабинетот на Ципрас.