Регион 22. август 2018. / 22:13

Албанските граѓани масовно емигрираат и се откажуваат од албанското државјанство

Албанските граѓани масовно емигрираат и се откажуваат од албанското државјанство

Во период од пет години, 2013/2017 година, околу 157 илјади албански граѓани побарале азил во некоја од западноевропските земји.

Најголем број баратели на азил се регистрирани во 2015 година или 69 илјади, додека следната година тој број изнесувал 33 илјади и 26.060 барања за азил во 2017 година.

Во анализата што ја направи весникот „Монитор“ се констатира дека Албанија е на прво место во светот, споредено со релативно малиот број население кое таа го има, од 2,87 милиони жители.

– На секои илјада жители во Албанија, бројот на азиланти во земјите на ЕУ изнесува девет, со што земјата е на прво место, пред Гамбија, со 6,5 барања за азил на секој илјада жители, костатира весникот.

Освен заминувањето како емигранти, се побројни се и барањата за откажување од албанското државјанство.

Според денеска објавените податоци на албанскиот инситут за статистика, ИНСТАТ, континуирано расте бројот на оние кои поднесуваат барање да бидат избришани од регистарот на албански државјани.

– Во 2017 година 651 лице се откажале од албанско државјанство што е за 32,9 отсто повеќе споредено со претходната година. Тоа е речиси двапати поголема бројка од оние кои побарале албанско државјанство. Лани, албанско државјанство добиле 316 лица, што е за 12,5 отсто поголема бројка од онаа во 2016 година, наведува ИНСТАТ.

Растот на емиграцијатра кон Германија, посочува весникот Монитор, се смета за една од главните причини зошто албанските граѓани се откажуваат од матичното државјанство, бидејќи во Германија не се дозволува двојно државјанство.

Социолозите оценуваат дека поради безнадежноста, невработеноста и беспарицата, албанските граѓани користат и најмала можност за да ја напуштат земјата.

– Албанските граѓани се најбројни во поднесувањето апликации во програмата на Лотаријата на САД за иселенички визи (Зелена карта).Во последните три години аплицирале околу милион, а рекорден број е забележан на годинешната лотарија, дури 367.231 апликации.