Регион 14. декември 2018. / 12:35

Албанскиот државен врв го поздрави формирањето војска на Косово

Албанскиот државен врв го поздрави формирањето војска на Косово

Албанскиот државен врв го поздрави формирањето вооружени сили на Косово, оценувајќи ја одлуката како историска.

Претседателот Илир Мета преку социјалната мрежа Фејсбук и честита на косовската политика „што овозможи формирање на сопствена армија“.

-Историската одлука за формирање на вооружените сили на Република Косово јасно покажува дека Косово е способно да преземе нови одговорности во градењето демократски институции и решително да придонесува кон мирот и стабилноста во регионот и добрососедството. Евроатлантскиот дух лежи во основата на оваа историска промена, напиша Мета.

Преку Фејсбук реагираше и албанскиот премиер и лидер на владејачката Социјалистика партија, Еди Рама.

Тој во својот статус трипати го повтори зборот „честитки“ придружен со знамињата на Косово, на САД и на ЕУ и со фотографија на претседателот на Косово, Хашим Тачи во војничка униформа, која ја носеше вчера при посетата на гарнизонот „Адем Јашари“.

Трансформацијата на Безбедноснте сили во армија на Косово ја поздрави и лидерот на најголемата опозициска Демократска партија, Љуљзим Баша.

-Честитки Косово за армијата! По независноста, втор настан од национално и историско значење. Со својата војска, Косово ќе биде побезбедено, регионот помирен, албанскот народ поинтегриран и посилен. Почит кон оние кои ги дадоа своите животи за слобода, благодарност до нашите големи пријатели кои не подржуваат, напиша Баша на Твитер