Насилната смрт на Шкелзен Ќордја, возач на министерот за внатрешни работи, Фатмир Џафај не е самоубиство, туку е ликвидација извршена од мафијата, тврди албанската опозиција. Потпретседателот на опозициската Демократска партија, Едмонд Спахо вели дека државата сака да го заташка убиството на возачот, но премиерот Еди Рама ги отфрла обвинувањата од опозицијата.
„Трагичниот настан со шоферот на министерот за внатрешни работи е мафијашко убиство. Не е сценарио за фантазија, како што тоа сака да го продаде главниот обвинител Еди Рама. Овие пет години на власт, Еди Рама го негираше секој скандал кој го вмеша него и неговата влада во злосторство. Рама го нарече сценарио од фантазија и превозот на дрога со авион“, изјави Едмонд Спахо.
Според албанскиот премиер Еди рама, „за бруталниот притисок врз момчето кое почина, неговата вмешаност во сценарија за нанесување удар кон министерот за внатрешни работи и владата, навистина не постојат зборови за да се коментира“.
„Ова е подмолно, срамно и уште еден пример за неверојатна и вештачка политичка дебата“, изјави Рама.
Неколкумина припадници на Гардата во Албанија вчера беа приведени поради убиството на возачот на албанскиот министер за внатрешни работи Фармир Џафај. Гардистот Шкелзен Ќордја ( 31 ) бил пронајден мртов во службениот автомобил во дворот на гардата на Република Албанија.