Албанија би можела да стане централна земја за прифаќање на имигранти во Европа, а сепак надвор од ЕУ. Звучи како златно решение за Меркел, но и за ЕУ.
Албанија би можела да стане централна меѓустаница за прифаќање на имигрантите. Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, и австрискиот канцелар Себастијан Курц, беа први кои јавно ја изнесоа идејата за формирање центри за баратели на азил во Европа, но надвор од ЕУ. Во разговорот со ДВ на албански јазик, портпаролот на виенската влада Петер Лаунски-Тифентал потврди дека во моментов се водат разговори за формирање на такви прифатни центри, меѓу другото и со Албанија. Ендри Фуга, директор за комуникации и советник на албанскиот премиер, изјави за ДВ дека владата прави се за побрзо пристапување во ЕУ, но не ги потврди информациите за отворање на центри за имигранти.
Според управата за бегалци на ЕУ, сето тоа би можело да се одвива на следниов начин:
На Балканската рута 2 и натаму има движење. Имигрантите доаѓаат главно од Јадранското Море, но и од Италија, Малта или Грција кои веќе не се подготвени да прифаќаат луѓе во големи размери. А ЕУ и Германија сакаат да се ослободат од мигрантите на кои им е одбиено барањето за азил. Каква врска има сето тоа со Албанија?
Малата балканска држава се простира по должината на бегалската рута и на Медитеранот, од каде доаѓаат повеќето од имигрантите. Пристаништето во Драч има доволен капацитет за сместување на поголеми контингенти имигранти. Таму, имигрантите во придружба од бродовите на Фронтекс би можеле да пристигнат, за да бидат регистрирани на албанска територија. Од таму или ќе бидат враќани директно назад во нивните земји на потекло, ако не можат да се утврдат причини за азил, или ќе бидат распоредени во рамките на ЕУ доколку им е потребна заштита и имаат шанса да добијат азил.