Регион 09. декември 2019. / 18:38

Албанија ќе го бојкотира доделувањето Нобелова награда за литература

Албанија ќе го бојкотира доделувањето Нобелова награда за литература

Албанија нема да учествува на доделувањето на Нобеловата награда за литература на Петер Хендке во Стокхолм.

Веста на социјалните мрежи ја објави овластениот министер за Европа и надворешни работи, Гент Цакај, кој, меѓу другото, напиша дека „оправдувањето за суровоста во војната за време на распадот на Југославија не треба да се наградува“.

– Длабоко сме убедени дека оправдувањето и фалењето на воените злосторства е пречка за духот на помирување што мора да преовладува во регионот, ние одлучивме албанскиот амбасадор во Шведска да ја бојкотира свечената церемонија за доделување Нобелова награда за литература на Петер Хендке. Секоја награда за личности кои негираат геноцид, дури и преку нивните книжевни дела, само ја зајакнува тенденцијата да се избега од историските одговорности и да го релативизираат големиот товар на воените злосторства, етничко чистење и геноцид. Затоа, Албанија ќе ја бојкотира официјалната церемонија за доделување на Нобеловата награда за литература – напиша Цакај.

Пред два дена и косовскиот вицепремиер и шеф на дипломатијата во заминување, Беџет Пацоли објави дека неговата земја нема да присуствува на годинешната церемонија на врачување на Нобеловата награда за литература.

Пацоли ја повика и официјална Тирана да го бојкотира чествувањето на „пријателот и поддржувачот на политиките на Милошевиќ“.