Регион 15. август 2018. / 20:07

Албанците од Прешевската Долина бараат поддршка од САД

Албанците од Прешевската Долина бараат поддршка од САД

Политичките претставници на Албанците од Бујановац и Прешево одделно денеска разговараа со претставник од Амбасадата на САД за, како што велат, лошата положба на Албанците кои живеат во општините на југот на Србија.

Tие посочија дека за време на дијалогот меѓу Белград и Приштина, неопходно е да стане збор и за нивните проблеми. Со вториот секретар на Амбасадата разговараа претседателот на општина Бујановац, Шаип Камбери и претседателот на Демократската партија на Албанците (ДПА), Рагми Мустафа.

Камбери рече дека една од темите на состанокот била и стагнацијата во интеграцијата на Албанците во државните институции, како и недостатокот на политичка волја на актуелната и претходните српски влади, во решавањето на проблемите во прешевската долина, со кои секојдневно се соочуваат граѓаните.

„Официјален Белград докажа и продолжи да докажува дека Албанците од овој дел ги третира како непожелни“, рече Камбери.

Додаде дека жителите не можат да го прифатат статусот на граѓани од втор ред во Србија, па затоа очекува за нивните проблеми да стане збор за време на Бриселскиот дијалог.

Мустафа оцени дека е потребно итно решение за, како што рече, дискриминацијата врз Албанците во прешевската долина во сите сегменти на социјалниот и економскиот живот.