Регион 25. јули 2018. / 10:10

74 мртви, 187 повредени во пожарите во Атина

74 мртви, 187 повредени во пожарите во Атина

Грчките пожарникари изутринава продолжија со потрагата по исчезнатите во пожарите кои што ја зафатија околината на Атина, каде што настрадаа 74 лица, а 187 се повредени.

Пожарите избувнаа во близина на одморалиштето Мати околу 40 километри од Атина и набрзо се проширија и на околните места поради силниот ветер кој дувал со јачина од 100 километри на час.

Пожарникарите со помош на полицијата и на доброволци во текот на вчерашниот ден ги евакуираа жртвите барајќи ги исчезнатите и луѓето кои останале заробени во нивните домови или во автомобилите. Вкупно 187 лица се хоспитализирани од кои десет се во сериозна здравствена состојба, додека 11 деца се полесно повредени.

Во Грција, постои стравување дека бројот на жртвите ќе достигне троцифрен број. Населбите погодени од пожарот се без вода и електрична енергија. Спортската сала во населбата Рафина, од вчера е адаптирана за да им се обезбеди кров над глава на сите оние што останаа без своите домови.

Грчката влада донесе вонредни економски мерки за настраданите во пожарите.Министерството за финансии одвои 20 милиони евра за потребите на општините и граѓаните што беа директно погодени, ќе се отвори специјална банкарска сметка од министерството за донации, додека пак за настраданите предвидени се даночни олеснувања. Откако ќе се регистрираат материјалните штети, грчката влада ќе објави дополнителни пакет мерки за поддршка на семејствата на жртвите и на оние чии домови беа уништени.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас кој вчера се врати од Босна и Херцеговина за да ја следи ситуацијата на лице место, прогласи тридневна жалост во земјата. Помош до Грција испратија голем број земји, меѓу кои Шпанија, Франција, Израел, Бугарија, Турција, Италија, Португалија и Хрватска.

Македонската Влада донесе одлука да испрати финансиска помош во висина од шест милиони денари до Владата на Република Грција за справување со катастрофалните пожари што овие денови ја зафатија пошироката околина на главниот град Атина. Дополнително, Владата донесе одлука да формира координативно тело кое на дневно ниво ќе ја следи состојбата и ќе координира соодветна хуманитарна помош, што ќе се договори како потреба со надлежните институции во Грција и со градот Атина.