Македонија 13. август 2018. / 15:13

Зоран Заев: Владата утре ќе утврдувња како ќе ги информира граѓаните за референдумот

Зоран Заев: Владата утре ќе утврдувња како ќе ги информира граѓаните за референдумот

Владата на утрешната седница ќе дебатира и ќе донесе одлука за начинот на кој што ќе ги информира јавноста и граѓаните за важноста на претстојниот референдум и значењето што за иднината на земјата го има Договорот со Грција за решавање на спорот со името, најави премиерот Зоран Заев.

По денешниот панел посветен на 17-годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор Заев рече дека Владата ќе преземе мерки со цел сите граѓани во земјата да се поттикнат да го прочитаат Договорот и да се информираат што всушност содржи тој.

„Преку кампањата ќе се обидеме Договорот со Грција да го приближиме до сите граѓани. Апелирам до сите да видат дека сето она што беше проблематично за нашиот идентитет е целосно решено. Загарантиран е македонскиот идентитет, македонскиот јазик, преведливо на сите јазици. Ова е историската вековна борба и на нашите предци“, изјави Заев.

Тој додаде дека Владата и државата имаат целосно право да ги информираат јавноста и граѓаните пред тие да ја донесат оваа историска одлука. Според Заев, кампањата дополнително ќе се отвори иако согласно Законот за референдум таа почнува со одлуката на Собранието за распишување на референдумот.