Старите велат дека после борбата со непријателот голема е веројатноста дека победената страна ќе ги преземе карактерните особини на страната која победила. Во случајот Владата предводена од страна на поранешниот премиер Зоран Заев дојде на власт не повеќе или помалку, туку како поразена страна и ги наследи сите мани на претходните власти.
пишува: Петар РАДОЈНИЧКИЌ
Народски што се вели начекаа отворена врата, а отпосле и клучевите им беа дадени за самите да ја уредуваат Македонија како што они имаа замислено, по нивен тертип. Тогашниот лидер на опозицијата Зоран ветуваше дека од Македонија ќе направи no.1 земја во регионот, дека платите, здравствениот систем, пензиите, реформите во судството, враќањето на младите и илјадници други проблеми дека ќе бидат топ агенда на наредната влада и дека конечно животот ќе дојде и во Македонија. Сето тоа на хартија забележано и во безбројните реклами со кои толку упорно им се ветуваше и креираше мислењето на граѓаните.
Идиличната бајковита слика која толку долго време социјал-демократите на чело со Зоран ја цртаа и во истата не убедуваа падна како кула од карти.
Всушност на сцената настапи Заев, кој што по природата на нештата е сосема спротивен од Зоран. Од тука почнуваат проблемите кои за жал не донесоа на едно незавидно политичко, правно и економско ниво. Зоран, кој предаваше демократија по митинзите и даваше примери за успешни судски реформи, беше засенет од Заев за кого демократијата претставува начин како да се манипулира со граѓаните, а судските реформи се единствено потребни за да се амнестира криминалот во сопствените редови. Сликата која беше цртана толку долго време избледне во очите на граѓаните и истите тоа ќе го оценат на 12 април.
Главниот проблем со кој Заев го порази Зоран (настрана договорите) е поради трасата која истиот ја постави, одејќи по линија на помал отпор тој успеа да го догради и онака трулиот систем со својот безкомпромисен популизам и замижувајќи пред неправдите кои и се нанесуваат на Македонија. Наместо брдата и долините кои беа ветувани, донесе магли и ветришта, а притоа нанесувајќи и најголема штета на Македонската држава.
Единствен начин како да се запре ова анархистичко лудило е преку гласот на граѓаните кои секогаш се најдобриот коректив на власта и опозицијата. Тие во дадениот момент секогаш знаат дали одредена политика треба да се награди или казни. Па оттука, ништо друго не ни преостанува како граѓани освен заеднички да се фокусираме на обновата на Македонија и истата да ја ставиме на брза европска трака правејќи од Македонија подобро и подостоинствено место за живеење.