Македонија 20. ноември 2020. / 10:59

Зоран Иванов сепак ги избриша објавите за Захариева

Зоран Иванов сепак ги избриша објавите за Захариева

Зоран Иванов сепак ги избриша своите објави за Екатерина Захариева, министерката за надворешни работи на Бугарија. Иако првично рече дека нема намера да ја избриша оваа објава, сепак се премисли.

 

Доцна вчера вечерта на неговиот профил го немаше ниту првичниот пост, кој беше со остра реторика за Екатерина Захариева и за Дора Бакојани, ниту вториот пост со кој објаснуваше зошто така се изразил за една жена.

Последна на неговиот профил беше фотографија од 25 октомври.

Вчера вечерта, во својата изјава за ТВ 24, Зоран Иванов рече дека нема намера да го повлече својот прв пост на ФБ, додавајќи дека за него најголем говор на омраза е негирање на нацијата и јазикот.

Тој напиша и нов пост со кој се дообјасни.

– Самиот поим жена симболизира племенитост, мајчинство, душа. Кога користејќи ја позицијата, жена ти навредува, ти негира, и најотворено ти мрази цела нација, и која и во овој 21 век цел народ множи со нула, би било поцелисходно таквата жена, таквите жени, пред да се наватат на своите функции, да погледнат во својата душа, за да си проверат дали воопшто имаат бар тронка совест. На некои не им успева, напиша вчера Зоран Иванов на Фејсбук.

Сепак, Владата уште по неговиот првичен пост одлучи да го разреши Иванов како претседател на Извршниот одбор на Македонската информативна агенција.