Владата претходно, пак, донесе одлука да му се обезбедат средства на парламентот во висина од 80 милиони денари за кампањата за референдумот. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, минатата недела упати известување до пратеничките групи и до пратениците што не се организирани во пратенички групи во рок од три дена да го известат дали ќе учествуваат во јавната кампања и каков ќе биде нивниот став по референдумското прашање „за“ или „против“. Врз основа на добиените податоци, пропорционално, Собранието треба да закупи медиумски простор за учество на дебатни емисии, печатени медиуми и интернет-портали за кампањата за референдумот, која се очекува официјално да започне на 10 септември.
Во контекст на случувањата, премиерот Зоран Заев во вторникот, при чествување на празникот Успение на Пресвета Богородица во манастирот „Св. Јоаким Осоговски“, изјави дека кампањата за референдумот ќе ја чини најмногу 400.000 евра државата, а резултатите од него ќе бидат гаранција дека подоцна во парламентот ќе биде обезбедено потребното двотретинско мнозинство за да се ратификува договорот со Грција. Тој најави дека неговата партија ќе се обиде да влезе во коалиција со повеќе политички партии и оттука ќе зависи и буџетот на коалицијата со која ќе настапат пред граѓаните.
– Но не верувам дека ќе бидат потребни повеќе од 300-400 илјади евра, бидејќи самиот референдум не е како парламентарните избори и не бара многу трошоци за кампања. Нашите намери се референдумот да мине во што попријатна и попривлечна атмосфера за граѓаните, различна од какви било други изборни процеси. И затоа верувам дека граѓаните во таква пријатна атмосфера ќе излезат и ќе гласаат „за“ – изјави Заев.