Последните четири учебни години има зголемен интерес за упис во СУГС „Марија Кири – Сколодовска“ во Скопје. Полуматурантите се почесто одбираат стручно образование односно го одбираат насоките фармацевтскиот техничар и медицински лабораториско – санитарниот техничар.
Идните средношколци кои одбираат средно стручно образование, можат да бидат квалификувани професионалци, како: Хемиски лабораториски техничар, техничар за козметички и хемиски производи, техничар за заштита на животна средина, техничар за очна оптика, фармацевтски техничар, медицински лабораториско – санитарен техничар и болничар – негувател.
Актуелниот помошник директор, поранешен ученик од ова училиште Дарко Спасев вели дека досегашната пракса, особено последните четири учебни години има тенденција за зголемување на бројот на ученици.
Можам да посочам дека во прва година за настава на македонски наставен јазик во учебната 2016/2017 година запишани се вкупно 68 ученици, во учебната 2017/2018 година запишани се 162 ученици, во учебната 2018/2019 година запишани се 183 ученици и во учебната 2019/2020 година запишани се 230 ученици. По последните неколку години најголем интерес има во здравствената струка, поточно во фармацевтскиот техничар и медицински лабораториско – санитарниот техничар. Во учебната 2019/2020 година, на ниво на училиште за настава на македонски наставен јазик има 647 ученици во 31 паралелка. За паралелките на македонски наставен јазик, училиштето располага со 60 наставници, стручни соработници и раководна служба кои несебично се залагаат за работа со учениците, објаснува Спасев.
Секој полуматурант е во двоумење за изборот на неговиот правец во животот, во овој случај изборот на средното образование. Средното училиште Марија Кири Склодовска нуди широк спектар на стручни профили и кои се соодветни за пазарот на трудот во нашето општество.
Актуелниот помошник директор вели дека за хемиско-технолошката струка, односно образовните профили хемиски-лабораториски техничар, техничар за козметички и хемиски производи и техничар за заштита на животната средина е обзбедена реална практична обука во голем број компании уште за време на трета и четврта година.
Со завршувањето на своето четиригодишно образование, ученици ќе се стекнат со следните квалификации: контролор на отпад и отпадни материи; контролор на емисија на гасови од стационирани извори; хемиски – процесен оператор; оператор на хемиски анализи; контролор на квалитет на вода, производи и материјали; оператор во органско – полимерната индустрија, козметичката индустрија, неорганската и детергентската индустрија; ракувач со машини на амбалажирање, полнење и етикетирање; оператор на микробиолошките и санитарните анализи. Исто така и техничарот за очна оптика од струката лични услуги. Со завршувањето на образованието, ученици се здобиваат со квалификација за оптичари и може веднаш да започнат сопствен бизнис. Овие образовни профили се единствени во Градот Скопје, а истите ги има во многу мал број училишта и на територија на цела држава. Со новите наставни програми во кои се опфатени овие образовни профили кои се изготвени во рамките на Проектот за развој на вештини и поддршка на иновации (СКИЛС проектот), како и согласно Концепцијата за модернизација на техничкото образование, учениците во трета и четврта година практичната обука ќе ја изведуваат кај одредени работодавачи и истата ќе биде платена од страна на државата. Со успешно завршувањето на практичната обука, постои можност и работодавачот да ги вработи истите ученици. Новитет во наставните планови е тоа што започнувајќи од прва година, учениците за време на летниот одмор ќе посетуваат феријална пракса кај работодавачи и ќе се стекнат со дополнителни знаења и вештини. Искрено сметам со завршувањето на средното стручно образование, учениците ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот од причина што овие образовни профили се ретки, а се барани, вели Спасев.
Училиштето оваа година одбележа педесет годишнина од постоењето, а располага со осум современи училишни лаборатории опремени со апарати, инструменти, лабораториски прибор и хемикалии за индивидуално изведување на лабораториските вежби и практичната настава
Исто така, училиштето е опремено со оптичка работилница, реална училишна компанија и кабинет по информатика со најсовремена опрема.
„Наставниот кадар и стручните соработници перманентно се усовршуваат. Посетуваат голем број обуки, организирани од училиштето, како и од локалната заедница, Бирото за развој на образованието, Центарот за стручно образование и обука и Министерството за образование и наука. Како раководен кадар, кој раководи со паралелките на македонски наставен јазик во целост се грижам и ги поттикнувам наставници за реализација на наставата преку современи стратегии, методски пристапи и дигитални образовни технологии со секојдневно користење на е – содржини, како и за квалитетното изведување на практичната настава. Од наша страна како училиште во 2017 и 2018 година, со блок дотациите од основачот (Град Скопје), како и од сопствените приходи опремени се сите училници со ЛЦД проектор за непречено одвивање на ИКТ во наставата“, објасни Спасев.