Македонија 15. април 2020. / 13:19

Зголемен бројот на предвремени породувања на ГАК: Пет бебиња починале

Зголемен бројот на предвремени породувања на ГАК: Пет бебиња починале

Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство-Скопје информира дека во последните седмици е зголемен бројот на предвремени породувања.

Од 9 до 13 април починале пет предвремено родени бебиња. Од ГАК апелираат родилките и во периодот на справување со Ковид-19, смирено и без паника да се подготвуваат за среќен исход од бременоста. Доколку им треба психолошка поддршка да се јават на 078/378-766.

-Бременоста и во нормални околности е проследена со осцилации во емоциите, често е придружувана со зголемена чувствителност и вознемиреност, а очекувано е Ковид-19 да предизвикува нагласена загриженост кај бремените жени. Поради тоа, не е исклучено психолошката состојба на трудниците да има свое влијание и врз поголемиот број на предвремени породувања, во однос на вообичаениот, велат од ГАК.

На ГАК-Скопје од 9 до 13 април починале пет предвремено родени бебиња со екстремно мала родилна тежина и со екстремна незрелост.

Поради смртта на петте предвремено родени бебиња во време кога земјава е пред очекуваниот пик од ширење на Ковид-19, а и поради тоа што клиниката е референтен центар за суспектни и позитивни родилки на кронавирусот, медицинската директорка на ЈЗУ У ГАК доц. д-р сци Викторија Јовановска побарала стручна помош од епидемиолог, интензивист педијатар и перинатолог кои ќе ја анализираат оваа состојба.

Напомнуваме, засега не постои научен доказ дека трудниците и родилките имаат поголема чувствителност на Ковид-19,  ниту пак дека се во поголем ризик од зараза. Кај родилките и трудниците со Ковид-19 дури и при евентуална зараза, не е посериозен текот на болеста во однос на општата популација. Што значи, овие категории жени треба да ги преземат истите мерки на претпазливост за избегнување на инфекцијата и да се грижат за себе во согласност со препораките за превенција од ширење на епидемијата кои важат и за секоја возрасна личност, велат од ГАК.

Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје апелира до родилките и во периодот на справување со Ковид-19, смирено и без паника да се подготвуваат за среќен исход од бременоста.