Македонија 09. мај 2018. / 19:57

Жбогар во Крива Паланка: Вие сте дел од Европа

Жбогар во Крива Паланка: Вие сте дел од Европа

Вие сте дел од Европа и секој од вас е дел од големото европско семејство, порача на обраќањето по повод прославата на Денот на Европа во Крива Паланка, амбасадорот на ЕУ во Македонија, Семјуел Жбогар.

Жбогар присуствуваше на хепенинг кој го организираше локалната самоуправа на општина Крива Паланка на градскиот плоштад каде низ музика, игра, ликовни и уметнички перформанси и креативни изработки со мотиви на четири Европски држави: Словенија, Полска, Унгарија и Франција беа одбележани Денот на Европа и 73 години од победата над фашизмот.

Тој порача дека овој ден покрај што се празнува ширум целиот Европски континент, се празнува и во Скопје, Кочани, Куманово, Гостивар, тетово, Охрид , Гевгелија, Дебар, Велес, Кавадарци, но и во Крива Паланка.

– Многу сум среќен што сум со вас да го славиме заедно овој прекрасен ден. Мојата порака е дека вие сте дел од Европа, вие му припаѓате на Евроспкоот семејство и секој од вас може да придонесе за вашата Европска иднина, особено младите, рече Жбогар.

Градоначалникот на Крива Паланка, Борјанчо Мицевски истакна дека голема е честа да се обрати на Денот на Европа во годината кога Македонија, по, како што рече, десет години застој на патот кон ЕУ, доби безусловна препорака за отпочнување на преговорите со Европската унија.

– Од мое име и од име на граѓаните на Република Македонија се заблагодарувам на подадената рака и на поддршката на патот во ЕУ. На патот под заедничкото европско небо не води идејата секој од нас да даде свој придонес за афирмација на највисоките Европски вредности. Мирот, просперитетот, стабилноста на Еврпоскиот континент не обединуваат цели 68 години да ја славиме Шумановата декларација и да се стремиме европското семејство да го направиме побогато и по квалитетно, а во сета таа глобализација да ги зачуваме својот идентитет и посебноста како Македонски народ со цврста Европска визија и определба, изјави Мицевски.

Мицевски му врачи и плакета од општина Крива Паланка на амбасадорот Жбогар, во знак на благодарност за поддршката во унапредување на општината благодарение на ЕУ – фондовите кои се достапни и помагаат за имплементација на бројни инфраструктурни и останати проекти од прекуграничната соработка со Бугарија, но и со Косово, а наскоро и со Србија.

На хепенингот учествуваа ученици од двете основни училишта од Крива Паланка, „Јоаким Крчовски“ и „Илинден“, од средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ и детската градинка „Детелинка“.

Покрај со настапи и штандови, учениците се претставија и со цртање на платото пред плоштадот и на штафелаи во градскиот парк.

Прославата на Денот на Европа во Крива Паланка продолжи со поетско-музичка манифестација насловена „Место каде минатото се сретнува со иднината“ пред манастирот св. Јоаким Осоговски./МИА