Денес остварив работна средба со Амбасадорот на ЕУ Н.Е. Самуел Жбогар, на која разговаравме за предизвиците со кои се соочува Министерството за внатрешни работи во своето работење, напиша на својот фејсбук министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
На средбата, како што информира министерот, било разговарано и за најавата за одржување парламентарни избори, особено што се предлага од страна на власта тие да се одржат за време на пандемија со корона вирус.
– Во тој контекст, потенцирав дека е потребно време и ресурси за нивно одржување, особено на предизборниот процес, односно присуството на доволен број претставници на набљудувачката мисија на ОДИХР. Во рамки на целокупниот тој процес, недостасува и изготвувањето на официјален Протокол за време на избори, врз основа на кој е потребно да се одржат низа обуки за вработените во МВР кои ќе бидат ангажирани во овој изборниот процес, што дополнително одзема време и ресурси, а ќе биде во прилог на успешно спроведување на своите активности, пишува Чулев.
На средбата било разговарано и за активностите поврзани со илегалната миграција, по што заеднички било заклучено дека во надминувањето на сите предизвици неопходна е интензивна меѓуинституционална соработка, поткрепена со успешни препораки на меѓународната заедница, во насока на успешно справување со истите.