Заврши вонредниот инспекциски надзор во штипската болница во инфективното одделение каде почина 41 годишна пациентка за која семејството тврди дека не успевала да добие лекарско внимание, односно дека не можела да добие никој од медицинскиот кадар да и донесе боца кислород во последните мигови од животот, пренесува „Слободен печат“.
–По инспекцијата на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, со решение му е наредено на директорот доктор Ален Георгијев веднаш да ја свика комисијата за следење на квалитет која ќќе ја утврди фактичката состојба за спроведеното лекување на пациентката и околностите кои довеле до смртен исход. Директорот е задолжен во рок од три дена писмено да го извести ДСЗИ за наодот од извршената контрола на комисијата. Независно од работата на комисијата, во текот на денешниот ден, ДСЗИ ќе иницира стручен надзор до Министерството за здравство, вели за ,,Слободен печат” директорката на инспекторатот, доктор Ирина Сотирова Бухова.
Од порталот наведуваат дека на инфективното одделение каде се хоспитализирани ковид пациентите, во една смена работат само четири медицински сестри и тројца доктори, за вкупно 55 пациенти кои се во болнички кревет. Бидејќи секоја болница мора да има систем со кој што на пациентите кои се хоспитализирани, ќе им се овозможи да повикаат лекар или сестра за било каква потреба, а системот со ,,црвено копче” во штипската болница не постои, директорот тврди дека овозможено е пациентите да го повикаат лекарот или сестрата преку телефон.
–Системот во моментов е со мобилни телефони. Имавме две линии, од вчера отворивме уште две, значи вкупно четири. Исто така, секоја вечер лекарите и сестрите по неколку пати во ноќта поминуваат во собите кај пациентите, а пациентите во секој момент може да ги побараат и да ги повикаат на мобилниот телефон, изјави Георгијев за ,,Слободен печат”.