Заврши првиот уписен рок на студенти во прва година за академската 2020/2021 година на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Проректорот на УГД – Штип, Мишко Џидров на денешната прес-конференција истакна дека денеска ги објавуваат листите на кандидатите кои се примени на факултетите и академиите. Првите впечатоци од првиот уписен рок се задоволителни, затоа што, како што рече Џидров станува збор за тешка година, бидејќи има помал број на завршени средношколци оваа година и од друга страна е и пандемијата.
Бројката е приближно иста, како минатата година од 1.000 до 1.100 студенти, веднаш по објавувањето на листите ќе продолжиме со вториот дел, а тоа е да се запишат, тие кандидати, а ќе им бидат испратени информации како тоа да го направат, како да се запишат онлјан. Запишувањето е целосно организирано онлајн, така да нема потреба да се оди до банките, туку тоа ќе го направат електронски, вели Џидров.
Најголем интерес и оваа година има на Медицинскиот факултет, каде што е пополнета државната квота, а за кофинансирање има останато уште некое слободно место за вториот уписен рок. Остантите факултети имаат константни бројки, како и минатите години, а на коишто има слободни места за вториот уписен рок, кој официјално е на 14 и 15 септември, а кандидатите претходно на електронската платформа можат да си направат профил, да ги внесат сите податоци, а на овие датуми физички да ги достават документите на пунктовите во Штип, Струмица, Кавадарци, Скопје и Гевгелија.
Првите најдобри студенти кои денеска ќе се запишат на факултетите на коишто конкурирале ќе бидат известени и за стипендиите, коишто ги доделува штипскиот универзитет, а за 12 факултети и трите академии се вкупно 210. Џидров вели дека следејќи ги насоките на Министерството за образование и на Комисијата за заразни болести одлучиле семестарот да го почнат со комбинирана настава, односно да се одвива онлјан, а онаму каде што има можност за изведување на вежбите да се одржуваат во предавалните и лабараториите. На овој универзитет има интерес и од странски студенти, покрај традиционално што им доаѓаат од Турција, годинава за првпат има и студенти од Аргентина.