Изборите во недела се историски меѓник, дали Македонија ќе продолжи да егзистира како парламентарна демократија, каде граѓаните се тие кои избираат или наместо нив изборот за претседател на државата ќе го вршат политичките лидери од владеачкото мнозинство кои зад затворени врати со разни пазарења ќе одлучат кого ќе го изгласаат нивните пратеници.
Пишува: Светислав Васев
Претседателот на државата е врховен командант на војската, репрезент на државата во странство, предлага амбасадори, под негова команда е агенцијата за разузнавање и предлага судии во уставниот суд.
Гласањето на претседател досега беше од страна на граѓаните на редовни и непосредни избори со цензус на излезеност од 40%. Но се позасилени се најавите на лидери од владејачкото мнозинство дека ваквата пракса може да биде сменета доколку нема цензус на претстојните избори. Односно да дојде до промена на уставот и претседателот да се гласа со 80 пратеници во собранието.
Така моќта на одлучување од рацете на граѓаните се префрла во рацете на двајцата лидери кои во моментот на избор го претставуваат владејачкото мнозинство. Со ова претседателот наместо репрезент на граѓаните, ќе биде човек за чие место се пазареле политичките партии, таквиот претседател ќе има далеку помала независност и ќе биде само продолжена рака на власта, ќе се загрози подвоеноста на извршната власт и целата егзекутива во државата ќе биде во рацете на еден центар на моќ.
За ова да го направат на СДСМ им требаат 80 пратеници кои ги имаат и веднаш по 5 мај доколку нема цензус да го сменат уставот и наместо граѓаните претседателот на државата ќе го бираат пратениците. За да не дојде до промена на уставот и претседателот да остане претставник на граѓаните е потребно да се излезе и гласа!
Правото на глас е најголемата придобивка што човек ја има од демократијата, затоа граѓаните не смеат да дозволат ова нивно право да биде одземено.
Секој еден од нас треба да знае дека без разлика на се, во едела мора да се излезе и да се гласа. Не заради некоја политичка партија или личност, туку за Македонија, за самите себе, за генерациите кои допрва доаѓаат.
Соочени сме со голема одговорност зависно од тоа како ќе одлучиме во тие неколку секунди зад параванот, директно зависат не наредните 4 или 5 години , туку наредните 40, 50 години. Од нашиот избор зависи во каква држава ќе живеат нашите деца. Ја сакаме Македонија цела или ќе ставаме камен темелник на нејзиното распарчување.
Збор два и за кандидатите. Кампањата е помината. Ја видовме и Силјановска и Пендаровски.
Кај Силјановска гледаме жена, професионалец која нема концесии кон никого во животот, за која студентите кои ги учела се најдобрата реклама, додека од друга страна го имаме Пендаровски човек кој целиот свој досегашен работен век е во власт на разни позиции де како полициски службеник, де како советник на разни претседатели, пратеник и накрај и на една измислена функција, заради функција.
Човек кој егзистира 20 години во политиката, а притоа не успеал да реализира ни дел од тоа за кое тврди дека се залага. Човек копија на својот шеф, со кого тврди дека се 102.5% исти. Самиот Пендаровски ни кажа дека глас за него е глас за Зоран Заев. Глас за Пендаровски е глас за ,,едно евро кај Вицето” политиката, глас за неправда и конструирани судски случаи, глас за пропадната економија.
Изборот е јасен, сакаме да продолжиме со сагата во која сме веќе две години или сакаме да свртиме нов лист. Јас одбирам да свртам нов лист. Јас верувам дека Македонија може и мора подобро. Јас ќе излезам и ќе гласам за Гордана Силјановска Давкова бидејќи нуди право и правда, бидејќи ќе биде претседател на сите граѓани, ќе биде претседател каков што заслужуваме.