Осуденици во КПУ„Идризово“ од утре ќе почнат дводневен штрајк со глад бидејќи власта останала глува за нивните барања за амнестија, пишува во писмото кое денеска е испратено до директорот на затворот, во кое го известуваат дека почнуваат со штрајк, дознава 24 Инфо.
Тие најавуваат дводневен штрајк со глад бидејќи, како што наведуваат, и покрај сите барања до Владата и до премиерот досега не добиле одговор во врска со Законот за амнестија кој е во најава.
Бараат општа амнестија за сите кривични дела за кои дозволува Уставот, исто така, статусот на доживотно осудени да се промени во бројка во склад со европските закони.
Директорот на „Идризово“, Боби Мојсовски потврди дека бил известен за штрајкот, како и дека се собираат потписи од осудениците.
–Станува збор за барање за амнестија, кое во вид на петиција дел од осудениците ја испратија пред две недели до Владата, министерството за правда и претседателот на Собранието. За утре најавија штрајк со глад, но како ќе се одвиваат настаните ќе видиме. На вечерашната петиција се потпишани околу 320 затвореници, изјави Мојсовски.
Ако во наредните два дена не добијат позитивен одговор од Владата и телото за помирување во Собранието, тие најавуваат дека ќе продолжат со штрајкот, а нивните семејства мирно ќе протестираат пред владината зграда.