Една од четирите приватни здравствени ординации во Македонски Брод ќе се затвори бидејќи е казнета поради тоа што газдата му дал одмор на докторот, спротивно на препораките од Владата, според кои матичните доктори не смеат да користат одмор додека СЗО не прогласи крај на пандемијата.
– Докторот кој е вработен во мојата ординација го немаше искористено ниту одморот за 2020 година. Тој имаше лични семејни причини да отпатува во Германија и веќе се беше договорено, дури и пред одлуката на Влада која е донесена на 03.11.2020 година. Јас дури и не знаев за оваа одлука. Немаше известување од Фондот за здравство, ниту од Министерството. Одлуката единствено излегла во Службен весник. Ние регуларно го известивме Фондот дека имаме заменик доктор во ординацијата. Од ФЗОМ одлучија да ни ја одземат капитацијата поради како што велат непочитување на одлуката. Сега јас без капитација морам да земам кредит за да им дадам плата на докторот и двете медицински сетри, вели доктор Игор Дабески, сопственик на ординацијата.
Тој поднел и жалба до правната служба во ФЗОМ, потоа до директорите и Управниот одбор на ФЗОМ, по која е одлучено негативно. На 3 ноември е донесена препораката на Владата за која нема казнени одредби, бидејќи е препорака. Фондот на Управен одбор истата ја разгледал на 18 декември, а на веб страницата на ФЗОМ е објавена на 23 декември. Докторот од Македонски Брод тогаш веќе бил заминат во Германија.