Во просториите на Општина Куманово денеска се одржа состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување во врска со преземање на активности и мерки од ширење на болеста COVID-19 (корона вирус). Меѓу заклучоците кои беа донесени се учениците да ги почитуваат мерките за заштита од коронавирус кога протестираат. Оценето е дека кумановските угостители, генерално ги почитуваат препораките.
Во врска со зголемување на мерките за заштита во ковид кризата и најавата за прогласување на денот недела како неработен ден за угостителските објекти, ОШЗС предлага на Комисијата за заразни болести при Министерство за здравство и Влада, од оваа мерка да се изземе Општина Куманово.
ОШЗС Куманово смета дека мерките и препораките на Владата во угостителските објекти на територија на Општина Куманово се почитуваат на задоволително ниво и е потребно само дополнителна контрола од надлежни инспекциски служби.
Сметаме доколку се донесе една таква рестриктивна мерка на тој начин ќе се зголеми групирање на млади луѓе во паркови, детски игралишта, организирање на забави во приватни куќи и викендички, при што ќе се зголеми ризикот од ширење на епидемијата, се наведува во соопштението на штабот.
Од штабот апелираат до организаторите и учесници на протестите поврзани со образовниот процес да се почитуваат мерките за носење на заштитна опрема и одржување на минимум два метри дистанца. Во спротивно, велат од штабот, истите претставуваат голем потенцијален ризик за ширење на епидемијата помеѓу самите учесници на протестите, граѓаните и случајните минувачи.
Општинскиот кризен штаб информира дека во моментов има вкупно регистрирани позитивни случаи 1473, вкупно оздравени случаи 1164, вкупно починати лица 49 и активни се 260 случаи.
Од претходните податоци евидентно е дека епидемиолошката состојба на територија на Општина Куманово е сериозна и бараме и апелираме до граѓаните да се почитуваат сите мерки донесени од Влада на РСМ и Комисијата за заразни болести, нагласуваат од штабот.