Границите со Косово и Србија засега остануваат отворени. Владата периодов нема да разговара и да одлучува за затворање на северната граница и покрај значителниот раст на новозаболени во двете земји.
Иако се очекуваше, Комисијата за заразни болести, неофицијално, поради поделеноста на членовите по денешниот состанок не достави препорака за затворање на границите.
Како што вели техничкиот премиер, Оливер Спасовски, ќе се следи состојбата во овие две земји и ќе се чекаат дополнителни информации.
Ова не е прашање на политика, и затоа владата не може да носи одлука која би била политичка. Ние сакаме да носиме одлука врз основа на стручните лица. Ако се согледа било каква потреба, ако се согледа дека има потреба да се превземат мерки, тогаш ќе се разговара на Влада. Владата нема донесено засега никаква одлука, и во моментов важи старата, односно дека границите се отворени – изјави Спасовски.
Од Комисијата за заразни болести велат дека не успеале да изградат заеднички став, а крајната одлука за границите со Србија и Косово ќе и ја остават на Владата. За дел од членовите на Комисијата било спорно зошто да се препорача затворање, сега откако сме ги отвориле границите.
Во меѓувреме епидемиолошката состојба се влошува кај дел од соседните земји. Откако Србија вчера забележа највисок број на заразени од коронавирусот во изминатите два месеца, Белград денеска прогласи вонредна состојба. Дури 82, 5 отсто од новозаболените се од српската престолнина, соопшти градоначалникот на Белград Зоран Радојичиќ.
Се ограничува работата на ноќните клубови и сплавовите од 23 часот до 6 часот наутро, најмногу 500 луѓе смеат да бидат на отворен простор, а ќе се казнува неносењето на маски.
Вчера беа тестирани повеќе од 9.000 луѓе дали се позитивни на коронавирусот. 359 беа позитивни, а 82, 5 отсто се од Белград. Тоа е нешто што ни дава увид во ситуацијата што се случува. Расте бројот на заразени млади луѓе кои се со тешка клиничка слика, со воспаление на белите дробови – соопшти Радојичиќ.
Доколку се затворат границите кон Србија и Косово, македонските државјани во моментов би можеле да патуваат само во Албанија.