Македонија 27. август 2019. / 15:50

Жарко Луковски дал исказ за „Рекет“

Жарко Луковски дал исказ за „Рекет“

Од Обвинителството за организиран криминал, за Канал 5, потврдија дека Луковски на сопствено барање, во својство на сведок, денеска се појавил во нивните канцеларии за да го дополни исказот, кој пред обвинителите за „Рекет“ го дал претходно во постапката.

Името на Луковски неодамна можеше да се чуе во аудио разговорите кои ги објави „Ла Верита“, а воедно е меѓу осомничените во предметот на СЈО – „Базни станици“, каде се товари дека злоупотребил околу 3,5 милиони евра, бесправно легализирајќи ги дивите базни станици. Ова дело го води обвинителката Лиле Стефанова, која веќе се оградуваше од нејзината шефица, Катица Јанева, за текот на постапката во случајот „Империја“.

Неговиот дополнителен исказ, следува откако пред само еден ден во Обвинителство на Рускоска исказот го дополнуваше и Орце Камчев.

Претходно, страница од првиот записник на Камчев протече во медиумите, а од Обвинителството на Рускоска ја потврдија веродостојноста и најавија дека ќе истражуваат како исказот стигнал во јавноста.

Дел од медиумите кои го пренесоа нецелосниот дел од исказот на Камчев, а во текстот споменуваа имиња на високи државници информациите не ги пренеле точно тврди обвинителката Вилма Рускоска.

Тужби кон овие медиуми најавија премиерот Зоран Заев, министрите Радмила Шекеринска и Никола Димитров, како и пратеничката Фросина Ременски. Но, досега тужби не се поднесени.

-Согласно законските прописи, од порталите и лицата кои ширеа дезинформации ќе биде побарано да се извинат. Доколку согласно закон не го сторат тоа, следуваат правни дејства против овие лица и портали за клевета и навреда. – Влада.

Претходно, новинарските здруженија побараа медиумите да ги почитуваат професионалните стандарди, а политичарите да се воздржат од тужби.