Запрени се градежните работи на новата Клиничка болница во Штип. Повеќе од една недела има само по два тројца работници на објектот, објави 24 ТВ.
„Според тоа што можеме да го видиме, успорени се градежните работи, а зошто е тоа така одговор ќе барате од Министерството за здравство “, вели Ален Георгиев – директор на Клиничка болница Штип
Од таму велат има проблеми на терен. По последниот состанок, на грчката компанија што го доби тендерот, и тече рокот од две недели да си ги среди работите со подизведувачот.
„Добивме информации дека на терен нема работници и во средата имавме нов состанок со грчката компанија и подизведувачот. Нас не не интересира подизведувачот, нас не интересира изведувачот. Договорот го имаме со грчката фирма. Разговаравме и и укажавме и им дадовме разумен рок од две недели, за да видиме напредок во работењето. Доколку не го испочитуваат рокот, ние ги разгледуваме сите опции“, вели Владимир Милошев, државен секретар во Министерство за здравство
Објектот како подизведувач го гради штипски Бетон. Од таму нема одговор кои се причините за запирање на работите и дали е поврзано со информациите дека фирмата доцни со исплата на платите.