Македонија 04. април 2020. / 17:47

Замина првата група доктори која беше на служба во Дебар

Замина првата група доктори која беше на служба во Дебар

Од Дебар замина групата лекари специјалисти, кои поради состојбата со коронавирусот, а во услови на потреба од дополнителен персонал, пристигна на 20 март.

Станува збор за инфектолог, педијатари и пулмолози, кои, како што на испраќањето, рече градоначалникот Хекуран Дука, заедно со нивните дебарски колеги, дадоа непроценлив придонес во заштитата на здравјето на жителите од оваа и општина Центар Жупа.

Текст на благодарност за докторите со нивна заедничка фотографија со градоначалникот Дука, секретарот на општината Или Мирзо и директорот на Општата болница, Баки Халили, стои и на официјалната веб страница на Општината.

-Хуманизмот што е во душата на лекарите не знае за никаква разлика. Целта е да му се помогне на најсовршеното битие на планетата – човекот. Благодарност од дебарани за докторите Зекерија од Слупчане, Славица од Велес, Бесим од Тетово, Вангел од Скопје и Армир од Скопје за пожртвуваноста за здравјето на дебрани. Вашите колеги и граѓаните од Дебар нема да ве заборават, стои во објавата.

Во Дебар, поточно во Општата болница, веќе пристигна втората група доктори, која е составена од инфектолог, педијатар и двајца пулмолози.

Во Дебар има еден епидемиолог и двајца инфектолози, а двајцата педијатри од приватната педијатриска амбуланта, кои дежураат и во итната помош, беа заразени, па повеќе од неопходно беше дополнителен број лекари. На барањето на Оперативниот штаб на градот позитивно одговори Министерството за здравство.