Заменик-министерот за надворешни работи на Грција, Јанис Аманатидис, во интервју за грчата ТВ Скај изјави дека Скопје и Атина се блиску до решение на прашањето за името и дека не е загрижен за задоцнувањето во процесот, бидејќи „на другата страна ѝ е потребно време за да го разгледа договорот“.
Заменикот на Никос Коѕијас рече дека договорот е во интерес и на двете земји и „ги решава проблемите на таков начин што нема да се создаваат конфликти во иднина“.
„Тоа е пакет решение, министерот откри дека е на околу 20 страници во кои се споменати сите прашања: иредентизмот, уставната ревизија, ерга омнес, името и развивање на агенда за соработка, а секако и временскиот рок во кој ќе се имплементира сѐ ова. Ние сме во исчекување“, изјави Аманатидис и изрази уверување дека договорот ќе биде таков што „ќе го прифати поширокото мнозинство во грчкото општество и поширокото мнозинство во парламентот“.