Заматена е водата од водоводот Росоки-Дебар. Од него со вода за пиење се снабдуваат Дебар, дебарските села Долно Косоврасти и Рајчица и дел од општина Центар Жупа.
Според одговорните во Јавното комунално претпријате (ЈКП) „Стандард” кое стопанисува со водоводот препорачуваат водата пред употреба да се филтрира или да се преврива.
-До заматување на водата дојде поради обилните и интензивни дождови присутни повеќе денови на поширокото дебарско подрачје, што условија видно зголем дотек на вода во каптажата во село Росоки. Ги преземаме сите потребни активности на овој план, вклучително и земањето редовни мостри на вода за анализи од страна на Центарот за јавно здравје, изјави за МИА, Алма Леши Самарџиу, секретар на „Стандард”.
Само на подрачјето на општина Дебар од овој водовод со вода се снабдуваат повеќе од 4.500 домаќинства. Преку кракот кој се издвојува од месноста Мелнички Мост, од истиот водовод со вода се снабдува и дел од општина Центар Жупа, додека дел од водоводот во Лучишта.
Водоводот Росоки-Дебар е изграден 1988 година со зафаќање на вода од изворите кај селото Росоки, Мала Река, во должина од 32 километри. Минатата година во два наврати за првпат по изградбата беа извршени технички интервенци со замена на главните вентили во каптажата во Росоки, како и на две места од цевководот, кај селото Долно Косоврасти и на Мелнички Мост, со цел зголемување на количина на вода која доаѓа до главниот резервоар во градот.