Откако пратениците од власта и опозицијата поднесоа 250 амандмани кон Законот за урбанистичко планирање, денеска во парламентот беше одлучено да се формира работна група за да се коригираат недостатоците и недореченостите на законот предложен од страна на министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.
–Јас мислам дека голем дел од амандманите се поклопуваат. Предлагам да одржиме неколку работни состаноци на кои ќе се усогласат ставовите за да донесеме квалитетен закон. Не ми е цел да се направи хаос, туку напротив да се регулира оваа област – рече Сугарески.
Шеесетина амандмани кон предлог-законот поднесе владејачката ДОМ, чија пратеничка Лилјана Поповска побара да се повлече законот.
–Ваков каков што е законот тешко дека ќе може да се поправи само со амандмани. Треба законот да се врати во Министерството за транспорт и врски и да се поправи, но пред тоа работна група од пратеници да одржи средба со министерот и да се усогласат забелешките – посочи Поповска.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, истакнаа дека неприфатливо е да се носи закон за урбанистичко планирање, без да се донесе закон за просторно планирање.
-Не може Владата да има овластување да носи Детални урбанистички планови, Генералните урбанистички планови да се носат без јавна расправа и да не е во корелација со пругите закони како што е Законот за урбано зеленило – рече пратеничката од оваа партија Лилјана Затуровска.
По јавната расправа во Собранието на 10 јуни на која учествуваа претставници на невладини организации и архитекти поднесени се 250 амандмани од кои 126 се од СДСМ, а 109 од ВМРО-ДПМНЕ.