Македонија 19. декември 2018. / 12:50

Законот за амнестија испратен кај Иванов

Законот за амнестија испратен кај Иванов

Законот за амнестија утрово е испратен до Кабинетот на претседателот на РМ, Ѓорге Иванов и се чека да биде потпишан, велат од кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери. Законот ќе биде потпишан во најбрз можен рок.

Откако законот, кој вчера беше изгласан во Собранието со 95 гласа „за“ ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“, ќе биде потпишан од претседателот Иванов, треба да биде објавен во Службен весник со што истиот стапува на сила.

Обвинетите за случувањата од 27 април минатата година во Собранието на РМ, според законот, ќе имаат 5 дена да поднесат барање за амнестија. По барањата на обвинетите ќе одлучува судот односно судечкиот совет кој го води случајот на чело со претседателката Добрила Кацарска, а во консултација со јавната обвинителка која го поднесе обвинението, Вилма Русковска.

Адвокатите на обвинетите за „крвавиот четврток“ кои велат дека засега немаат никаков став околу законот за амнестија. Чекаат истиот да излезе во Службен весник, да се консултираат со странките, па потоа заедно да одлучат дали ќе испратат барање за амнестија до судот.

Иницијатори на овој закон заедно со премиерот Зоран Заев беа и осумте пратеници од независната пратеничка група, која беше дел од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Тие дадоа поддршка на уставните измени со што на некој начин го условија парламентарното мнозинство кон донесување на овој закон.

Пратениците од Алијанса за Албанците, Зијадин Села и Сурија Рушиди не го поддржаа законот за амнестија. Претседателот на партијата Села пред гласањето изјави дека нема мир со злосторниците и дека е срамно што тие се во сала и гласаат. Покрај пратениците од АА, за законот не гласаше ниту Горан Милевски, лидерот на ЛДП, коалиционен партнер на СДСМ.