Македонија 11. март 2020. / 17:50

Закана од корона вирус во Судот: Адвокат дојден од Франција и сестра на обвинет во карантин на рочиштето за „Титаник“

Закана од корона вирус во Судот: Адвокат дојден од Франција и сестра на обвинет во карантин на рочиштето за „Титаник“

За судот како да не важат мерките кои ги воведе Владата како превенција од ширeње на корона вирусот. Сите рочишта се одвиваат нормално, а посебно се инсистира на случајот „Титаник“, иако за него не се очекува скора разрешница.

Пред денешното рочиште дел од обвинетите, сведоците на обвинителството, но и обвинителката Лиле Стефанова побарале рочиштето да се одложи поради алармантната состојба со корона вирусот и можноста некој од присутните да се зарази имајќи предвид дека на само едно рочиште в судница присуствуваат околу педесет лица.

Неколкумина од сведоците кои се пензионери биле одлучни дека нема да дојдат да сведочат поради тоа што спаѓаат во ризичната група граѓани и им е страв да не заболат од вирусот.

За овој проблем обвинителката Лиле Стефанова се пожалила кај судијата Осман Шабани, а тој, пак, донел одлука дека за следното рочиште сведоците ќе бидат стражарно приведени.

Колку е сериозна ситуацијата покажува и тоа што сестрата на еден од обвинетите е ставена во карантин, а, пак, еден од адвокатите е вратен од Франција, која важи за високо ризична земја по бројот на заразени.

Во таков случај тој мора да биде ставен во 14 дневен карантин и не се смее да се појавува на рочиштата.

Како што неофицијално дознаваме, поголем дел од судиите се за одлагање на сите рочишта во нарединиот период, но тие не можат да донесат таква одлука.

Се поставува прашањето дали претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев под притисок на власта е главната причина судењата да продолжат по секоја цена и кој ќе ја сноси одговорноста доколку присуството на рочиштата биде причина за некој новозаболен случај од корона вирусот.

Ова е многу можно ако се знае дека на секое рочиште присустуваат по педесетина луѓе, како судии, записничари, новинари, а, пак, во судот секојдневно влегуваат и излегуваат странки кои се во потенцијална опасност.