Македонија 13. февруари 2021. / 19:23

Захариева: За разлика од Македонија, во Бугарија не се добиваат избори со спротивставување на соседите

Захариева: За разлика од Македонија, во Бугарија не се добиваат избори со спротивставување на соседите

Секој договор мора да се спроведува со добра волја, да не спомнувам договор меѓу државите, и да не се бараат причини за неисполнување – избори, ковид-19 итн. Ако барате начини и изговори, ќе ги најдете. Усогласеноста со договорите е апсолутно обврзувачки принцип во меѓународното право, вели бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во интервју за „Клубз.бг“.

На прашање зошто Бугарија наидува на недоразбирање од европските партнери и од САД, таа одговара дека мислењето на нејзините колеги од Европа е дека „сега се отвораат поглавјата и ќе има многу време за да се реши проблемот“.

– Ние имаме национална позиција изградена во парламентот. Многу пати досега сме дале доверба на кредит, го направивме тоа со НАТО. Затоа, не ги прифаќам критиките дека Бугарија ѝ помага на Русија. Русија отсекогаш била против влегување на балканските земји во НАТО, но не против влегување во ЕУ, вели Захариева.

Таа понатаму додава дека Алијансата е воен и политички сојуз, но ЕУ е многу повеќе и во Унијата не смее да има нерешени билатерални прашања. Ако има толку силна антибугарска кампања, вели шефицата на бугарската дипломатија, ќе биде тешко не само за Бугарија и Македонија туку и за целата ЕУ. Захариева уште еднаш порачува дека образованието во кое генерациите се учат на говор на омраза кон Бугарија не може да продолжи.

На прашањето како се случи министерот за одбрана, Красимир Каракачанов да учествува во дипломатските преговори, таа тврди дека тој не ги водел преговорите туку нејзиниот тим.

– Преговорите ги водеше МНР, мојот тим. Не е тајна дека вицепремиерот Каракачанов има јасен став за ова прашање, но јас потенцирам дека нашата позиција едногласно е усвоена во парламентот, вели министерката додавајќи дека Каракачанов зборува и како лидер на партија.

Во контекст на претстојните избори во Бугарија закажани за 4 април, таа негира дека нејзината партија, ГЕРБ, чиј лидер е Бојко Борисов, за предизборни цели ја отстапила темата за Македонија на ВМРО-БНД на Каракачанов.

– Не е така. Видете, тука има голема разлика. Таму можете да победите на избори со антибугарска реторика. Во Бугарија може да има одобрување за нашата позиција, но тоа не значи дека само поради оваа причина некој може да победи на избори. Во Бугарија, фала му на Бога, изборите не се добиваат со спротивставување на соседите, вели Захариева која понатаму оценува дека е лошо кога добрососедските односи стануваат тема во кампањите.

На прашањето што добиваат бугарските граѓаните од ветото, таа вели дека всушност не ставиле вето за Македонија туку засега не даваат согласност за одобрување на преговарачката рамка, а она што го добиваат нивните граѓани е поголемо разбирање за Бугарија и крај на антибугарската кампања.