Македонија 02. март 2021. / 11:37

Захариева: Околу 100.000 бугарски државјани во С. Македонија понекогаш се заплашувани

Захариева: Околу 100.000 бугарски државјани во С. Македонија понекогаш се заплашувани

Министерката за надворешни работи во бугарската Влада Екатерина Захариева денеска во интервју за БНТ истакна дека Бугарија има конзистентна политика, која била одобрена од парламентот на земјата и од сите политички партии во 2019 година.

Според неа, причината за недостиг на напредок на Скопје на патот кон ЕУ е вкоренета во неспроведувањето на Договорот од 2017 година. По пристапувањето на Република С. Македонија во НАТО во 2019 година, Скопје го одложувало неговото спроведување.

„Ние сме многу доследни во тоа што го бараме од Северна Македонија. Некои луѓе таму беа многу изненадени што кажавме „не“ за преговарачка рамка. Позицијата на Бугарија е потврдена од Парламентот уште во 2019 – сметаме дека има забавено исполнување или недостиг на исполнување на задачите од македонска страна на Договорот за добрососедство кој го потпишавме во 2017 година со Македонија. Претходно имаше раздвижување во сите сфери, но од почетокот на 2019 година од кога станаа членка на НАТО почна недоследно исполнување“, рече Захариева.

На прашање околу бугарските државјани кои живеат во С. Македонија, министерката вели дека тие 100.000 луѓе често се заплашувани.

„Ние реагираме за секој случај и се радуваме на тоа што и колегите од Северна Македонија започнаа да реагираат затоа што на крај тоа се и нивни државјани, тие живеат таму. Над 100.000 граѓани имаат и бугарско државјанство и понекогаш се заплашувани. Недозволиво е во 21 век да не се признаваат права на самоопределување“, рече Захариева.