Македонија 20. март 2020. / 11:44

Зафатени телефоните на центрите на јавно здравје, граѓаните принудени да се тестираат приватно?

Зафатени телефоните на центрите на јавно здравје, граѓаните принудени да се тестираат приватно?

Македонија денеска се разбуди со 19 новозаболени од корона вирус со што бројката на дијагностицирани пациенти во земјата е 67 лица. Дополнително, во текот на денот треба да бидат потврдени уште 17 пациенти чии тестови се направени на клиниката „Жан Митрев“ покажале дека се позитивни на вирусот. Со ова, бројката на новозаразени регистрирани во еден ден може дадостигне 36 лица.

Тука се отвора прашањето зошто граѓаните се одлучуваат да бидат тестирани на приватно, ако се знае дека приватните болници немаат инфективни одделенија, а тестираните ќе мора дополнително да се потврдуваат на Клиниката за инфективни волести?

Според фејсбук пост, кој цитира, наводно, точни наводи, Инфективната клиника на ден има на располагање само по 5 до 10 теста за Корона и дека кога тие ќе се потрошат, се прекинува со тестирање и луѓето кои не се тестирани се пренасочуваат тоа да го направат приватно во Клиниката Филип 2-ри!?

Повеќе граѓани реагираат дека во изминатите неколку дена се обидуваат да добијат на броевите што ги остави министерството, но тие се тешко достапни, односно зафатени. А, постојат и лица кај кои е констатирано дека се позитивни и кои моментално се хоспитализирани по сугестија на докторите, а три дена не ги посетил никој.

-Лица кои се сомневаат во своето здравје и имаат симптоми, биле во директен контакт со болни, на контакт броевите во Јавно здравје, ги пренасочуваат тест да направат приватно во Филип 2,  реагираат во пост на социјалните мрежи.

-Оттука, се поставаат низа прашања, како да го направат тоа лица кои дале изјава дека нема да ги напуштаат своите домови затоа што се потпишани под Кривична одговорност дека нема да излегуваат од своите домови? Како тие луѓе, конкретно за Скопје, град од 700 000 жители со еден единствен број за контакт, да се поврзат со вас, и да ја покажат својата граѓанска и општествена одговореност во борбата против Корона вирусот ? Како луѓето под карантин кои ви вртат постојано и не смеат да излезат од дома да бидат видени од доктор? Каде тие луѓе да пријават со кого се имаат гледано последните неколку дена кога никој не доаѓа да ги контактира? Во Скопје имате најмалку 100 луѓе под карантин, од кои голем дел веќе и развиле симптоми а сеуште никој не дошол да ги прегледа! Како овие луѓе кои самите со својата висока свест решиле да се изолираат од сите, и да си го ограничат своето основно право-ДВИЖЕЊЕТО-да добијат лекарски преглед???, се прашува во отворениот пост на фејсбук.

Целта, додава авторот на овој пост, не е да се дигне паника и да се наштети на некого, туку напротив, да се алармира дека во Скопје состојбата не е баш добра.