Бујар Османи очигледно одработи во дослух со Дитмир Бушати за Македонија да не добие датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ, туку да биде спуштена на ниво на Албанија, онака како што предупредуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски.
Датум изостана и покрај капитулантскиот договор и трговијата со државните и националните интереси. ЕУ, како што најавија нејзините основачи претходно, немаат намера во својот клуб да примат држава во чиј што врв го препознаваат столбот на корупцијата која е на највисоко ниво на континентот, држава во која судството е на колена, а препораките на експертот Рајнхард Прибе останаа заборавени во фиока.
Оваа реална слика за Македонија ја вратија со оценки од држава- лидер во регионот во реформи, далеку пред Србија и Црна Гора, во групата со Албанија за некое идно проширување на Европската Унија. Токму тоа било и инсистирањето од Тирана, поточно од шефот на дипломатијата Дитмир Бушати до Бујар Османи како носител на македонските евроинтеграции.
Но, можно ли е за таквиот дил да не знаел Зоран Заев или повторно одиграл на картата за мир во куќа и обезбедена поддршка од албанските гласови за тенко мнозинство во Парламентот? Колку намерното кочење на реформите оваа година дома, во замена на стекнување меѓународна слава на сметка на идентитетот и посебноста на Македонците, не одеше во лична корист на Зоран Заев?
Само мало потсетување токму на круцијалните забелешки- назадување на реформите во судскиот систем и растечката корупција- отвораат голема можност за анализи во тој правец.
Но, за какво судство и борба со корупцијата може да се разговара во Брисел доколку се погледне случајот „Поткуп“? Обвинет во случајот е премиер, за кој во време на негова претходна функција градоначалник водена е легална истрага при која е направена видео- снимка како самиот тој бара мито од бизнисмен за продажба/ легализација на државно земјиште. На видеото е снимен како самиот ја пресметува сумата и посочува парите да се остават во семејната менувачница, како вели исто како што тоа претходно го правеле и други бизнисмени. И митаџијата, сега премиер, од судот излегува- чист! И без трошка срам, веднаш заминува на седница на тело за судски реформи кое токму тој самиот го предводи!
Па, има ли пофлагрантно „кршење на колената“ на третата, судската власт? Во едно демократско европско општество независноста на судската власт мора да е неприкосновена вредност.
Колку Заев и да ужива лажна поддршка за газење врз македонството заради „повисоки од надвор“, европските лидери не можат да замижат, иако за сега премолчуваат, за политичкиот прогон во Македонија против опозицијата и неистомислениците, како и за кршењето на основните човекови права и полициското насилство врз пратеници, граѓани, интелектуалци.
Сето ова води кон заклучок дека Заев во планот на Османи-Бушати за намерно кочење на реформите во Македонија за Албанија да не изгледа „така катастрофално“, можеби увидел и двојна можност за себе.
Прво, да се оддолжи на Тирана за платформата со чие што прифаќање беше донесен на власт, а како второ, притоа да го искористи тој вакуум момент на застанати реформи преку силен политички притисок врз судството повторно да си обезбеди бегство од правдата, да спроведе политичка чистка, но зошто и да не, да отвори можност да отвори можност за зголемување на семејните и партиските бизнис зафати.
Заев знае дека се’ додека оди по линија на помал отпор кај „повисоките од надвор“ со договори како оној со Бугарија и со Грција, макар и на сметка на сета македонска нација, нема да има поголеми проблеми заради своето дејствување и дека повеќе или помалку ќе мора да добие пофалби со кои би се вратил дома.
А дома? Тоа веќе не му е проблем. Ќе продолжи како и до сега, секој ден со нов поинаков став со кој поразите ќе ги претставува како успех.