Македонија 30. ноември 2019. / 12:15

Заев се сретна со црногорскиот премиер Марковиќ: ЕУ интеграцијата нема алтернатива

Заев се сретна со црногорскиот премиер Марковиќ: ЕУ интеграцијата нема алтернатива

Премиерот Зоран Заев придружуван од министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска утрото во Подгорица се сретна со премиерот на Република Црна Гора, Душко Марковиќ.

Како што соопштуваат од кабинетот на премиерот, на средбата се потврдени одличните традиционални и пријателски односи помеѓу двете држави, без отворени прашања, коишто одат во нагорна линија.

Заеднички било констатирано дека заокружувањето на членството на Македонија во НАТО, дополнително ќе придонесе за стабилноста и безбедноста во регионот, а споделени се и искуства за резултатите од НАТО интеграциите, како што се нови инвестиции, повеќе работни места, подобар животен стандард.

Исто така, заеднички е заклучено дека иднината на целиот регион е во Европската унија и дека таа стратешка цел нема алтернатива. Оценето е дека проширувањето на ЕУ е неопходно да продолжи, бидејќи тоа е одржливата опција за мир, стабилност и перспективи на Балканот и на Европа.

Премиерот Заев, како што соопштуваат од неговиот кабинет, изрази благодарност за силната поддршка од Црна Гора за членство на Македонија во НАТО и за исполнувањето на заедничките ЕУ перспективи, согласно Берлинскиот процес, што ја поттикнува соработката помеѓу сите земји од регионот.

– Продолжуваме со реформите и со инклузивните политики, како на политички план, така и на планот на нашиот концепт, Едно општество за сите, што успешно го развиваме. Продолжуваме да даваме аргументи дека нашето место е во ЕУ. ЕУ и НАТО интеграциите за нас немаат алтернатива. Интеграциските процеси веќе даваат резултати во економијата, повисоки плати, пензии, раст на минималната плата за 90 евра, раст на социјална помош за 300 проценти“, рече премиерот Заев.

На средбата било разговарано и за соработката меѓу Македонија и Црна Гора во повеќе области од интерес на граѓаните, меѓу коишто и социјалната заштита.