Македонија 17. декември 2019. / 12:03

Заев прати демант за аферата ТЕ-ТО

Заев прати демант за аферата ТЕ-ТО

Директно oд Струмица во нашата редакција пристигна барање за извинување и јавно повлекување на текстот „Прв дел: Заев и Анѓушев дел од криминал вреден 200 милиони евра – заедно со Руси!“,  потпишано лично од премиерот во заминување Зоран Заев.

Професионално го објавуваме барањето за извинување и јавно повлекување на текст објавен на порталот Лидер, иако текстот нема за цел да навреди некого лично ниту пак да наштети на нечиј углед. Се работи за истражување поткрепено со факти, а не за паушално изнесени информации. Сметаме дека тоа е во согласност со правото на јавно изразување и слобода на медиуми.

„Електраната ТЕ-ТО е основана од македонската компанија „Топлификација“ во партнерство со „Битер холдинг“ од Кипар, чијшто сопственик е рускиот олигарх Леонид Лебедев. Во 2018, таа е прва на листата по остварена добивка од дури 120 милиони евра, но симптоматично, во истата година најпрофитната компанија во државава отиде во стечај.“

За ова од летото 2018 година, значи година и пол, во континуитет пишувале и пишуваат повеќе медиуми, а сведочат и акционерите на а.д. „Топлификација“, за што, премиере, сигурно сте веќе информиран.

Во поднасловот „Како е вмешан премиерот Заев“ со принтскрин од одлуката на Владата од 160. седница одржана на 22 октомври 2019 година е поткрепено нашето тврдење дека ја преземате обврската да потпишете одлука со која ќе се додели државна помош за компанијата ТЕ-ТО, односно државата да ѝ го прости данокот на добивка од преку 20 милиони евра, кој треба да се слее во Буџетот.

Оттука, не наоѓаме за потребно да се извиниме или, пак, да го повлечеме текстот, особено што на оваа тема, повторно, пишувале и пишуваат и други медиуми.

Дали премиерот во духот на владините заложби за слобода на медиумите побарал или ќе побара од сите медиуми да ја повлечат веста и да му се извинат што потпишува државна помош за компанија која е под истрага за перење пари? Дали фактот дека премиерот потпишал документ со кој директно е оштетен Буџетот на Република Македонија ќе се смени ако ние се извиниме? Не, премиере. Душата ве боли од вистината, а како што самиот рековте на трибината во „Борис Трајковски“, вистина не се купува, вистината се живее. А, ако не можете да живеете со вистината, имате можност до 3 јануари да размислите што потпишувате.

Сосема на крајот, нашата редакција е отворена и за Вас и за Вашите соработници кои досега не одговориле на нашите покани, да дојдете до 3 јануари или потоа, кога, како што велите ќе имате повеќе време, па да ги разработиме сите теми, особено оние кои нас не мачат, а вам ви го уриваат угледот.