Премиерот Зоран Заев очекува поддршка од пратениците од владејачкото мнозинство во Собранието за отпочнување на иницијативата за референдумот, а истовремено ја повикува опозицијата да се вклучи и да ги повика граѓаните да излезат на рефереднумот. Од кумановско Черкези, Заев повтори дека 30-ти септември е таргетираниот датум за одржување на референдумот.
„Тоа што јас го знам е дека процедурите се отпочнати во Собранието. Оттаму веројатно денеска ќе има информации. Она што јас сум информиран во консултација со пратеничката група на СДСМ, ДУИ и сите други пратенички групи и пратеници од мнозинството, огромно е мнозинството на пратеници кои со свој потпис стојат зад отпочнување на иницијативата за распишување на референдумот“, рече Заев.
Тој ја повика опозицијата да се вклучи и да ги повика граѓаните да излезат на референдумот.
„Знам дека прашањето е тоа кое што го објавивме: Дали сте за членство во ЕУ и НАТО преку поддршка на договорот помеѓу Р.Македонија и Р.Грција, знам дека референдумот ќе биде консултативен и уште еднаш само ја користам приликата да ја повикам опозицијата навистина да се вклучи и да повика на гласање за да можат граѓаните да излезат масовно и да го кажат својот глас“, изјави Заев.
Според него, ова е историска одлука што ја дефинира иднината на државата.
Заев додаде дека сите чинители во општеството се должни да создадат услови за граѓаните доволно да бидат мотивирани да излезат и да гласааат и да дадат поддршка, со што ќе се заокружи 27- годишната аспирација на државата кон НАТО и ЕУ.
„Јас сум убеден дека сме на вистинскиот пат и знам дека ќе успее референдумот“, изјави Заев.